Пожарот во дом за стари лица во Белград утрово, во кој животот го изгубија осум, а повредени се седум лица, како и пожарот во дом за стари лица во кавадаречко утрово, каде за среќа нема повредени штитеници, ја актуелизираа темата за овој вид на институции, кои стануваат се популарни во земјава и регионот.
Ако до пред петнаесетина години сместувањето на стари и изнемоштени лица во дом беше табу, но и нешто на кое се гледаше со предрасуди, денес јавната свест по ова прашање се повеќе се менува, и во нашите домови буквално се бара кревет повеќе.
Во разговор со лица кои неодамна сместиле свои блиски во дом за стари и изнемоштени, дознаваме дека со месеци чекале слободен кревет. Станува збор за дом кој е во приватна сопственост, модерно уреден, со соби со сопствена бања во кои престојуваат по две лица, и каде месечно целата комплетна услуга изнесувала околу 1.000 евра.
Во земјава, како што е истакнато на страницата на Министерството за труд и социјална политика, моментално има 40 приватни домови за сместување на стари и изнемоштени лица од кои работат 39. Најголемиот број од нив се наоѓаат во Скопје и околината, но ги има и во Струмица, Неготино, Кавадарци, Радовиш, Битола…
Капацитетот во нив е најчесто од околу триесеттина легла, но има и домови со 50, 60, па и сто легла. Вкупниот капацитет е околу 1.600 легла.
Во оние, кои важат за помодерно опремени домови, се случува да се чека слободен кревет и по неколку недели, па и месеци, додека пак оние поскромните домови, можат да примат нови штитеници ден-два по најавата. Таму цените се движат од 500, 600 до 700 евра, во зависност од состојбата на лицето, односно дали е подвижно или не, дали треба дополнителна секојдневна терапија, пелени и слично.
Наши соговорници кои сместиле блиско лице во дом за стари и изнемоштени, велат дека тоа било добра одлука, бидејќи освен секојдневната грижа, штитениците добивале и медицинска нега во секој момент од денот или ноќта, нешто кое семејството во домашни услови не би можело да им го пружи.
Денешното темпо на живот пак, кога луѓето имаат се помалку слободно време и се окупирани со работа, е уште една од причините за сместување на старите лица на кои им е потребна грижа во домовите. На дел од штитениците речиси цели семејства им биле на работа во странство, па така домот за стари била најдобрата, односно единствена опција за нив.
-Да не ги загрижувам децата, кои се на работа во странство, бидејќи и тие имаат свои деца за гледање, откако ми се јавија повеќе здравствени проблеми, сите дома се договоривме дека најдобро е да заминам во дом. На почеток ми беше тешко, бидејќи ова се смета како последна станица на човекот, нели? Ама, се прилагодив.
Одлични услови, друштво на моја возраст, постојано достапни медицински лица, односно болничари и доктор на повик, имаме и разни друштвени активности. Во овие години, тоа е доволно, вели наша соговорничка која повеќе од две години била сместена во приватен дом за стари лица, а нејзината ќерка и син од странство и помагале во покривање на трошоците за престој.
Друга наша соговорничка пак, вели дека да се престојува во дом за стари лица дури е и еден вид на престиж, кој кај нас, со малите пензии, не може секој да си го дозволи.
-Ако немаш голема пензија, ако семејството не е во можност финансиски да помогне, се е напразно. Стари и болни луѓе, во кревет залегнати, тоа е измачување и за нив, но и за нивните блиски. Треба да се искоренат тие сфаќања, дека децата се должни да се грижат за родителите, бидејќи повеќето од нив ниту се стручни, ниту пак имаат време за тоа, затоа што не е лесно да се грижиш за некој 24 часа на ден.
Во домот имаме и антидекубитусни медицински кревети, обучен кадар кој си ја знае работата, значи сите потребни услови. Подвижните лица се социјализираат, и така е во секоја развиена земја, вели наша соговорничка сместена во дом за стари и изнемоштени лица во внатрешноста.
Раскажува дека имале и жена од Австрија, која поради цената на сместувањето, која за нејзината пензија била прифатлива, дошла во дом во Македонија. Таа имала син, снаа и внучиња, но кога ја стигнале годините посакала да се пресели во дом, каде релаксирано ќе ги поминела последните години. Бидејќи со нејзината пензија не можела да си дозволи сместување во модерен дом во родната земја, се одлучила за дом во Македонија, кој го пронашла на социјалните мрежи.
Наши соговорници од Кавадарци пак, ја сместиле нивната тетка во дом за стари лица, и сите внуци заеднички ги поделиле трошоците за нејзиното сместување. Велат дека на крај, сите биле задоволни.
-Тетка ни е сама, нема сопруг, ниту деца, па кога веќе имаше потешкотии во самостојното функционирање, ние внуците ја прашавме кај кого би сакала да дојде и да ги проживее старите години. Таа е едуцирана и свесна жена, никако не сакаше некому да биде товар, и самата изрази желба да ја сместиме во дом.
Ако дојдеше кај било кој од внуците, ќе требаше да биде сама дома секој ден до 17 часот, бидејќи сите работат, а не е лице кое може да се остави само. Вака, нештата за сите се полесни, ја посетуваме, добива добра нега, велат тие.
Кога се државните домови за сместување на стари лица се во прашање, во земјава има пет, со капацитет од околу 600 легла. Тие се наоѓаат во Скопје, Прилеп, Битола, Куманово и Берово. И за нив имало долги листи на чекање.
Вики Клинчарова