Зошто ВМРО-ДПМНЕ е против тоа вработените во здравството, образованието и социјалната заштита да добиваат повисоки плати. Зошто на ВМРО-ДПМНЕ му пречи растот на платите во клучните сектори? прашуваат од владејачката СДСМ како реакција на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Над 53 илјади вработени во здравството, образованието и детскиите градинки добиваат покачување на платите за 5 отсто и тоа почнувајќи од септемвриската плата. Таквото покачување, освен што носи повеќе пари во над 53 илјади семејства, дополнително ќе влијае и на спиралата на раст на платите. Унапредувањето на јавното здравство, социјалната заштита и образованието се врвен приоритет на Владата предводена од СДСМ, затоа што токму тие се темелите на општеството. Влогот во човечки капитал е влог за квалитетни и задоволни наставници, поквалитетно образование, како и квалитетни и задоволни доктори во јавното здравство – се наведува во партиското соопштение.
Од таму додаваат дека трендот на растот на платите ќе продолжи во годините кои следат, а со влезот во Европската унија и НАТО, растот на платите ќе добие забрзано темпо.
„Позитивен пример за тоа даваат искуствата на Бугарија каде што по влезот во ЕУ просечната плата пораснала двојно, како и искуството на Романија каде што просечната плата по влезот во ЕУ пораснала четирикратно. Бидејќи како држава се стремиме за ЕУ и НАТО интеграции и подигање на стандардот на платите, засилено се работи на создавање на еден нов систем на плати со кои вработените ќе добиваат достоинствено зголемување , како одговор на достоинствените и благородни професии кои ги извршуваат” – се наведува понатаму во реакцијата.