СДСМ: Започнавме сериозни разговори за формирање стабилно мнозинство и Влада

by Fokus

СДСМ соопшти дека започнува сериозни преговори со претседателите на политичките партии, со работни групи, членови на раководствата на партиите, за нов четиригодишен полн мандат на стабилно мнозинство во Парламентот и формирање посветена Влада, која, како што велат од партијата, ќе се движи брзо напред по европскиот пат и патот на економијата и на правдата.

-Разговараме исклучиво за формирање Влада која се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или национализми, Влада која нема никакви дилеми кога е во прашање нашиот заеднички пат кој се вика Северна Македонија – Едно општество за сите. Разговараме за Влада која ќе се бори со криминалот и корупцијата на сите нивоа, а особено внимание ќе посветиме на делот за прочистување на правосудството и на проверката на потекло на парите и капиталот кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе го договориме, се вели во партиското соопштение.

Според нив, новата Влада предводена од СДСМ ќе донесе и сериозна реформа на јавната администрација, промена која ќе донесе ефикасни, поголем број и побрзи услуги за граѓаните, но и намалување на обемот на администрацијата за 20 проценти, со помал број министри и рационализација на јавните служби.

-Владата за која разговара СДСМ, како што се додава во соопштението, на прво место од својата европска и граѓанска агенда, ќе ја има новата македонска економија, „чии главни принципи се продолжување на раст на платите, вложување во младите и во рамномерниот регионален развој, водење посебна грижа за најсиромашните граѓани и постојана поддршка на домашниот приватен сектор, се наведува во соопштението од СДСМ.

Поврзани новости