Заканите што ги посочува Арсовска за влечење по улици и бришење подови се скандалозни и потврдуваат дека во ВМРО-ДПМНЕ е истата насилничка матрица која граѓаните на своја кожа ја чувствуваа цели 11 години, реагира СДСМ откако вчера скопската градоначалничка Данела Арсовска изјави дека со овие зборови ѝ се заканувал опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.
„Навреди, клевети, уцени, закани за физичко насилство, тоа е матрицата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Мицкоски. Арсовска го обвини Мицкоски за директни закани, а ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача на градоначалничката на Град Скопје да се провери дели е психички здрава, тоа говори за нивото на политичка и лична култура на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“, стои во соопштението на СДСМ.
Од партијата додаваат дека додека Мицкоски и Арсовска меѓусебно се расправаат, се клеветат и се закануваат, граѓаните и нивните потреби се игнорирани.
„Додека Мицкоски и Арсовска се расправаат, СДСМ ги решава проблемите на Скопје и скопјани. СДСМ, преку Владата, преку институциите, преку советничките групи во Градот и општините, прави се за надминување на последиците од кавгите меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните и Град Скопје не смеат да трпат заради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски“, велат од владејачката партија.