По завршувањето на вонредната состојба Државната изборна комисија треба да ги заврши обврските и во рок од 22 дена да се одржат изборите, велат од владејачката СДСМ во денешното соопштение. Тоа би значело дека тие се за избори на 21 јуни, 22 дена од завршувањето на вонредната состојба.
-Токму затоа предвремените парламентарни избори, кои веќе се распишани и еднаш одложени, треба да се одржат во првиот можен термин, а предизборната кампања и гласањето да бидат усогласени со заштитните протоколи, бидејќи сите параметри и официјални податоци покажуваат дека епидемијата е ставена под контрола. Последната одлука на Уставниот суд, ја потврдува уставноста на владината уредба да се запрат предизборните активности зa распишаните избори поради коронавирусот. Тоа значи дека роковите за изборниот процес продолжуваат по завршување на вонредната состојба. ДИК по завршувањето на вонредната состојба, треба да ги заврши обврските и во рок од 22 дена да се одржат изборите, се вели во соопштението.
Тие порачуваат дена нема да дозволат „пропаднатиот спортист и политичар Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, да ги попречат демократските процеси и вештачки да создадат криза“
-Избори мора да има заради здравјето на граѓаните, заради новата економија, заради институциите кои треба да им служат на граѓаните во оваа држава, се вели во соопштението.