Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција во партиското седиште обвини дека актуелната влада има продуцирано најмногу скандали во првите сто дена од владеењето во историјата на Македонија.
Таа вели дека најголем дел од скандалите се поврзани со работењето на Министерството за внатрешни работи, но и дека иако од ВМРО-ДПМНЕ пред изборите ветувале ред и поредок, сепак, фактичката состојба кажува поинакви податоци – голем број скандали, неказнивост и брутална партизација на Министерството.
-Изгоре 10% од територија на државата само поради неспособноста на МВР и надлежните институции. Одговорност нема. Не се расчисти ниту скандалот со генералниот секретар на Владата, кој случајно доби поклон од 325 000 евра во зграда со министерот Тошковски. Скандалот со министерката Божиновска чија фирма должела еден милион евра на МЕПСО остана исто така нерасчистен – рече Кузеска.
Кузеска ги посочи како примери и скандалот на со обезбедувањето на спикерот Африм Гаши кој со пиштол се закануваше и нападна полицаец на скопскиот аеродром, бегството на поранешниот борец на ОВК, Блерим Рамадани, и нелегалното минување на границата на сватовите на Гаши кои поминаа со приватни возила и без никаква контрола.
-Мицкоски тврдеше дека тоа се ноторни лаги, со смешни аргументи се бранеа виновниците, но затоа беа казнети луѓето кои чесно си ја извршуваат работата. Одговорност од Тошковски нема. Скандалите продолжија како на лента. Речиси и да немаше ден, недела, кога не се случи некој скандал – рече Кузеска.
Дополнително, таа го проблематизираше тоа што обезбедувањето на Мицкоски, Ивица Б., кој нападна колега пред угостителски објект во Скопје, бил ослободен од одговорност, како и скандалот во кој командирот на полициската станица во Ропотово пукаше со калашников беше суспендиран и доби кривична, а Тошковски го вратил повторно на местото командир.