Стапката на криминал се намалува, додека истовремено значително е зголемен процентот на откриени односно расчистени кривични дела, реагираат од СДСМ по пресот на Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ дека амнестираните криминалци повторно почнале да ги вршат кривичните дела за кои првично биле затворени.
„Доколку се споредат статистиките од времето кога МВР беше МВРО-ВМРО и сега, по промените и ослободувањето на оваа значајна институција, ќе се види дека целосна лага е дека има зголемување на криминалот. Разликата е и во тоа што порано се криеја убиства, разбојништва и кражби, а сега надлежните институции, меѓу коишто и МВР транспарентно ги информираат граѓаните за било каков вид на криминал, но и за расчистување на делата. Вистинската борба против криминалот ги дава првичните резултати. Тоа што дел од разбојниците и по одлежаните затворски казни се враќаат да ги повторуваат делата е резултат на фактот што со години од ВМРО-ДПМНЕ не беше преземено ништо за реформа на казнено поправните установи и за ресоцијализација на осудените лица“, велат од СДСМ.