Претстојниот изборен Конгрес на СДСМ, закажан за 16 мај во недела, ќе се одржи по дититален пат поради ситуацијата со ковид-вирусот, одлучило раководството на најголемата политичка партија, дознава Фокус.
Како што велат партиски извори, предвидено е работното претседателство и верификационата комисија да присуствуваат во партиското седиште, додека останатите делегати ќе учествуваат во работата на Конгресот преку електронската платформа зум (zoom).
Вкупно, додаваат нашите соговорници, на Конгресот ќе учествуваат 809 делегати, кои треба да го потврдат изборот на Зоран Заев за старо-нов партиски лидер, откако тој веќе доби убедлива поддршка на првите внатрепартиски избори.
Исто така, на неделниот Конгрес треба да се избере и нов состав на Централниот одбор, а, според последните најави, и нов заменик-претседател на партијата.
Имено, актуелниот заменик-претседател Радмила Шекеринска најави дека нема повторно да се кандидира за оваа функција, по што од партијата брифираа дека Заев уште претходно одлучил оваа функција целосно да се укине преку нови измени на партискиот Статут.
Меѓутоа, посочуваат од владејачката партија, по укажувањата од дел од сопартијците, но и меѓународната заедница, Заев начелно прифатил оваа функција да остане, така што, според последните најави, позицијата би требало да ја пополни жена од Скопје, која досега не била дел од високата политика.
Покрај тоа, треба да се изберат тројца нови претседатели со специфични задолженија и секретари (генерален и организациски секретар и секретар за меѓународна соработка), со тоа што неофицијалните информации одат во насока дека меѓу потпретседателите ќе има промени, но не и кај секретарите.
В.С.