Трите најголеми политички партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, во минатата 2020 година оствариле вкупни приходи од 5,2 милиони евра. Според најновите финансиски извештаи доставени и објавени од Државниот завод за ревизија, сите три партии годината ја завршиле во позитива, остварувајќи вкупни расходи од 3,8 милиони евра.
Увидот во извештаите покажува дека големата тројка пренесувала непотрошени средства од претходната 2019 година, но собирале и свежи пари преку донации и други основи. Најголем дел од средствата тие ги намениле за реклама и пропаганда, но трошеле пари и за други намени, како за кирии за објекти, плати за вработените, помош за трети субјекти итн.
Имено, владејачката СДСМ во измината 2020 година остварила приходи во износ од 129,3 милиони денари, додека расходите изнесувале 112,5 милиони денари. Оттука, партијата ја завршила годината во позитива од 16,8 милиони денари, кои се пренесени во тековната 2021 година.
Притоа, социјалдемократите префрлиле 26,7 милиони денари од добивката остварена во претходната 2019 година, додека лани плус прибрале 14,8 милиони денари по основ на членарини, подароци и донации. Сепак, најмногу или 87,7 милиони денари од приходите се евидентирани под ставката „други приходи“.
Поточно, партијата од буџетот добила над 52 милиони денари, а над 30 милиони денари обезбедила од кредит. Покрај тоа, во партиската каса по основ на членарини легнале 9,5 милиони денари, а од донатори уште 5,3 милиони денари.
Од друга страна, партијата лани потрошила 23,2 милиони денари за реклама, пропаганда и репрезентација, скоро 20 милиони денари за заеми и камати, над 7 милиони денари за наемнини, односно изнајмување на простор и опрема…
Воедно, 17,8 милиони денари биле потрошени за плати и надоместоци, што е за 5,4 милиони денари повеќе во споредба со претходната 2019 година, што значи дека на Бихаќка пораснал бројот на вработени.
Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија лани остварила приходи од скоро 114 милиони денари, што е за 10 милиони денари повеќе отколку во 2019 година. Зголемување има и кај раходите, кои изнесуваат 108,7 милиони денари.
Инаку, најголем дел од приходите на опозициската партија се остварени по основ на донации, членарини, подароци и таканаречени „други извори“ (буџетски трансфер, кредитно задолжување…), кои изнесуваат 108 милиони денари. Патем, од донации биле собрани скоро 60 милиони денари, додека од членарини сано 876 илјади денари.
Најголем дел од прибраните пари, пак, се потрошени за реклама, пропаганда и репрезентација, за што биле издвоени над 23 милиони денари.
Во финансиските извештаи на партијата може да се види дека во 2019 година имала 12 вработени, додека во ланската 2020 година бројот на вработени пораснал на 14, за кои, по основ на плати и надоместоци, се потрошени околу 7,5 милиони денари.
Најголемата албанска партија – ДУИ, пак, лани на жиро-сметката по разни основи собрала над 77 милиони денари, од кои 44,5 милиони денари се пренесен вишок од претходната 2019 година. Истовремено, партијата потрошила 15,5 милиони денари, што значи дека лани во касата на Мала Речица останал вишок од над 60 милиони денари.
Исто така, и ДУИ најголем дел од средствата ги потрошила за реклама и пропаганда, а помал дел за наемнини, плати итн. Но, она што ги издвојува интегративците од останатите партии е ставката од над 3 милиони денари за финансиската помош што ја дале кон други субјекти.
Влатко Стојановски