Во текот на 2014 и мал дел во 2015 година, политичката партија ВМРО-ДПМНЕ купила огромен имот низ цела Македонија. Дури 63 објекти на различни локации со вкупна квадратура од близу 12.000 метри квадратни. Само објекти, без земјиште, најголем дел во Скопје- откриваат од СДСМ.
-Вкупниот приход што ВМРО-ДПМНЕ го прикажала за 2014 година изнесува помалку од четири милиони евра.ВМРО-ДПМНЕ како и нејзините функционери со малку пари купува огромен имот. Очигледно е дека додека се крадела државата се богатела не само фамилијата туку и партијата. Колку чини вкупниот имот на ВМРО-ДПМНЕ?, праша Шилегов на прес конференција.
Во врска со прекинатите преговори тој укажа дека договорот ќе остане надвор од сила се додека не се комплетира тимот на специјалната обвинителка. -Договорот е вон сила од моментот кога го прекрши ВМРО-ДПМНЕ со некомплетирањето на тимот на специјалниот јавен обвинител. Дали Македонија ќе заврши како Белорусија на Балканот или ќе продолжи со своите европски интеграции, за жал зависи од Никола Груевск Ние веќе кажавме, договорот е вон сила, сите опции се отворени, што би значело дека сите средства што ни стојат на располагање, ќе бидат употребени. Часовникот за Никола Груевски отчукува, рече Шилегов.
Дали тоа значи дека СДСМ ќе продолжи да објавува од прислушуваните материјали немаше конкретен одговор, но се отворени сите опции коиштио стојат на располагање. – Денешните докази коишто ги презентираме се исто така докази за огромен криминал којшто ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски го сториле во Република Македонија, потенцираше Шилегов.
Тоа што Заев објавил дека му отчукува времето на Груевски преку профилот на ФБ значи дека времето на премиерот му истекува. Шилегов коментираше дека не е време сега да се зборува за ново парламентарно мнозинство оти има други приоритети.
-Интерес на Република Македонија е да има фер и демократски избори. Очигледно е дека Никола Груевски не може да се соочи со тоа да во оваа држава бидат спроведени избори на фер, демократски, цивилизиран начин. Очигледно е дека истиот сака во целост да управува со изборните процеси. Целокупната македонска јавност и вие медиумите бевте сведоци за големите изборни грабежи и манипулации во текот на изборниот процес, рече Шилегов.