СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ ќе го уништи Водно за бизнис интереси од над 600.000.000 евра

by Фокус

Од партијата предупредија дека ВМРО-ДПМНЕ утре ќе се обиде насилно на седницата да ги изгласа „криминалните“ детални урбанистички планови, а како што рекоа, само заради бизнис интереси.

-Од тие бизниси, кај фирми блиски до ВМРО-ДПМНЕ, според пазарните проценки ќе завршат над половина милијарда евра, или околу 630.000.000 евра! Плановите не се согласно генералниот урбанистички  план за Скопје. Со нив се предвидува, дополнително уништување на Водно и замислете изградба на 10-катници на Водно!, рече Петре Шилегов, на денешната прес конференција, потсетувајќи дека неодамна на истото место се спушти потпорен ѕид над градинка, како резултат на спуштање на земјиште.

Од партијата прашаа кој ќе понесе одговорност за уништувањето на Водно и за загрозениот живот на жителите.

-На вчерашниот состанок со советничката група на опозицијата во општина Центар, потврден е ставот на СДСМ и коалициските партнери дека ќе се спротивстават на дивеењето на урбаната мафија предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Не може граѓаните на Центар и скопјани да бидат помалку важни од бизнисите на власта на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, рече Шилегов.

Најавената смена на силите во советот на општина Центар се очекува да се случи утре, по информацијата дека Мирослав Шиповиќ ќе гласа позитивно за урбанистичките планови, а според информации на „Фокус“, „предавство“ на партијата ќе извршат уште двајца советници. Седницата е закажана за 13 часот, кога се очекува да се разјаснат сите дилеми.

Од СДСМ истакнаа дека Шиповиќ им признал дека има големи притисоци од ВМРО-ДПМНЕ, а пак, лично советникот вчера за „Фокус“ ги негираше овие информации.

 

Поврзани новости