ВМРО-ДПМНЕ оди по својата стара матрица – гази по трагедија за да се одбрани политички. Ова е партијата што нема граници, нема срам и нема морал, соопштија од СДСМ по обвинувањата на партијата на власт по трагедијата на „Партизанска“ и усмртувањето на младата Фросина.
Оттаму велат дека „ВМРО-ДПМНЕ треба да знае дека СДСМ не е криво што Васов добил телефон во Шутка“.
-СДСМ не го стави неговиот татко на висока воена позиција под заштита на оваа власт! СДСМ не ја избра судијката Алексовска Стојановска, ВМРО-ДПМНЕ ја избра од тефтерчето на Гордана Јанкуловска. Денес, наместо да покажат минимум човечност и да застанат на страната на правдата, тие повторно лажат и манипулираат. Ги политизираат протестите, сакаат да го скршат отпорот на граѓаните, сакаат да ги замолчат луѓето што бараат правда, велат од „Бихаќка“.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков смета дека Судскиот совет треба да ја разреши судијката што го ослободила возачот Васил Јованов, а ЈО да отвори истрага за истата. Според него, „возачот убиец бил фатен за трговија со наркотици, и по ниту еден основ не можел да заврши во поправен дом“.
Според партијата, судијката Алексовска Стојановска е кадар на СДСМ, бидејќи, како што велат, во нејзината куќа бил сместен партиски штаб. Додаваат, поточно, дека во куќа во сопственост на таткото на судијката е сместен општинскиот штаб на СДСМ во Ранковце. Ваквите обвинувања следуваат откако судијката на 31 Јули 2024 пресудила воспитна мерка – упатување во воспитно поправен дом во согласност со Законот за правда на децата при што ја укинала притворската мерка и сега веќе притворениот Јованов се нашол на слобода.
Апелациониот суд Скопје, пак, уште не одлучил по жалбата што ја поднело ОЈО Скопје за воспитно-поправната мерка за дилањето дрога на Јованов. Жалбата стигнала таму пред 2 месеца.
20-годишниот Васил Јованов со брзина од 130 километри на час, во алкохолизирана состојба удрил во 22-годишната Фросина Кулакова. Тој не поседувал возачка дозвола, а неговото полициско досие открива дека во минатото е сторител на неколку кривични дела. Недозволена трговија со дрога, нарушување на јавниот ред и мир, насилство и сторител на повеќе сообраќајни прекршоци за што бил упатен во казнено поправен дом.
Со положување цвеќе и палење свеќи на местото на загинувањето на Фросина, граѓаните ѝ одадоа почит на последната жртва во сообраќајот. Побараа правда за Фросина и овој пат сторителот да добие заслужена казна. Граѓаните во наврати преку протестен марш од местото на загинувањето на Фросина се упатија кон Собранието, Обвинителството и Кривичниот суд. Побараа правда и одговорност.