„Иако ВМРО-ДПМНЕ веќе 100 дена ја обвинува ДУИ за дестабилизација на државата, зад затворени врати соработката меѓу овие две партии цвета. Најновиот пример е усвојувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, кој беше изгласан со двотретинско мнозинство, благодарение на поддршката од опозициската ДУИ. Овој закон, кој се однесува на овозможување на вршителите на должност градоначалници да ја извршуваат функцијата до изборот на нов градоначалник, беше поддржан со 83 гласа „за“ и 17 „против“, вклучувајќи ги и гласовите на ДУИ“ соопштуваат од СДСМ.
Од опозициската партија велат „Иронично, токму ВМРО-ДПМНЕ, која ја обвинува ДУИ за сите проблеми во државата, не се колебаше да побара и прифати помош од „дестабилизаторот“ за да се донесе овој закон. Ова е трет закон кој ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го усвојуваат заедно. Претходно го изгласаа Законот со кој се формираа четири нови министерства, а ВМРО-ДПМНЕ на ДУИ му помогна во гласањето за да се овозможи Талат Џафери да ја води Комисијата за правична застапеност во Собранието“.
„Додека јавноста е сведок на жестоки обвинувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ кон ДУИ, зад кулисите нивните претставници редовно се наоѓаат и договараат како да си ги поддржат меѓусебните интереси. Според информациите кои циркулираат во јавноста, речиси секој втор ден, некој висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ оди на состанок во седиштето на ДУИ. Ова не е првпат двете партии да играат на истата карта. Во минатото како партнери во власта, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ редовно беа во фингиран конфликт во јавноста, додека соработката во Владата им одеше повеќе од добро“ велат од СДСМ.
Посочуваат „сега имаме слична ситуација, од една страна, ВМРО-ДПМНЕ со силни зборови ја напаѓа ДУИ како партија која ја дестабилизира државата, од друга страна, кога е потребно да се усвои важен закон или да се постигне консензус за некој прашање, заборава дека тие се `фактор на дестабилизација`“.