Однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ во време на пандемијата со коронавирусот е апсурдно и ирационално, едно зборуваат друго прават – вака реагираат од владејачката СДСМ на соопштението на опозциската партија.
-Во име на лажна загриженост за здравјето на граѓаните не учествуваат на локалните избори во Штип, а истовремено организираат протести, на кои не се почитуваат мерките за заштита на здравјето во време на пандемија на коронавирусот. ВМРО-ДПМНЕ се однесува неодговорно, во време на пандемија глуми загриженост за здравјето, а ги крши мерките за заштита. ВМРО-ДПМНЕ бараа парламентарните избори да се одржат есенва, велејќи нема да има нов бран, а сега бегаат од изборите за градоначалник на Штип, се вели во соопштението на СДСМ.
Тие додаваат дека опозициската партија се однесува деструктивно бидејќи ги кочеле процесите за измени на Законот за заштита на населението од заразни болести, со што се одолговлекуваше воведувањето дополнителни мерки за заштита на јавното здравје.
-ВМРО-ДПМНЕ го кочеше заемот за опремување на ковид-центри. Наместо една модуларна болница кај Инфективната клиника, сега ќе имавме 16 опремени модуларни болници, ако не го блокираа заемот од Светска Банка преку нивната заменик дополнителна министерка за финансии. Сега ќе бевме спремни, пациентите со ковид ќе беа сместени надвор од болниците, за сегашните болници да останат за другите пациенти, се вели во соопштението.