Правото на образование е Уставно загарантирано право на секое дете. Затоа ги повикувам наставниците интересот на децата да го стават на прво место. Голем број на родители денеска се обидуваат да се организираат за денешниот ден заедно со своите деца, поради штрајкот на наставниците, реагираат од владејачката СДСМ.
„Би напоменала дека Владата предводена од СДСМ и коалиционите партнери секогаш имала и има слух за образовниот кадар и воспитувачите. Во образованието со методолошки пристап, во изминатите 3 години во три наврати СДСМ ги зголеми личните приходи на наставниците за над 21%.Платите на вработените во градинките се зголемија за повеќе од 21% што во просек значи покачување од 4.300 денари за негувателки до 5.700 денари за воспитувачките, што е историски најголемо покачување до сега за овој кадар“, истакна пратеничката Санела Шкријељ.
Таа тврди дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ цела година го блокира Законот за наставници и стручни соработници, кој обезбедува, меѓу другото и поголеми плати.
„Бараме од ВМРO-ДПМНЕ да прекине со политизација на штрајкот на СОНК, тоа е на штета на наставниците и на учениците. Тоа e последната партија којашто може да зборува нешто за образование или плати на наставници“, тврди пратеничката.