Владата ги отстрани сите пречки и навремено ги исплати субвенциите за 21.000 тутунопроизводители, а во тек е процедура за надминување на пречките за исплата на субвенции за уште стотина тутунопроизводители кои наскоро ќе ги земат субвенциите што им следуваат, велат од СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ со години ги користеше субвенциите за да врши притисок, уцени и манипулации врз земјоделците. Додека земјоделците ги чекаа субвенциите што редовно им доцнеа, ВМРО-ДПМНЕ ги трошеше парите на граѓаните на луксуз, скапи мерцедеси, лажен барок и преплатени споменици. Колку ВМРО-ДПМНЕ се грижи за потребите на земјоделците, докажува и фактот што кадрите поставени од ВМРО-ДПМНЕ во институциите, до последен ден ја кочеа исплатата на субвенциите, стои во соопштението од СДСМ.
Ова следува откако ВМРО-ДПМНЕ побара владата да ги пушти субвенциите за тутунарите и секој производител до денар да ја добие поддршката.
„За разлика од претходните години кога субвенциите ги добиваа првите месеци, тутунарите сега, особено оние од Прилеп, Новаци, Кривогаштани, се уште ги немаат добиено и тоа е огромна, директна штета за илјадници семејства. Дополнителен револт кај нив предизвика изјавата на Љупчо Николовски минатата недела дека субвенциите за тутунот се исплатени. Земјоделците со денови чекаа пред банките, но субвенциите не им се исплатени, рече денеска Цветан Трипуновски од ДПМНЕ.