Институциите, пратениците и политичките партии имаат обврска да ја спроведат мнозинската волја на граѓаните кои на 11 декември јасно се изјаснија за промени, бара СДСМ и истакнува дека блокадите во Собранието, поттикнувањето тензии меѓу граѓаните и насилства што водат кон целосна парализа на државата е погазување на Уставот и на правото во Македонија и загрозување на стабилноста!
„Тоа се сериозни дела против државните интереси и секоја институција и поединец треба да знае дека повлекува сериозна одговорност! Вељаноски и Иванов не смеат да ги штитат криминалните платформи на Никола Груевски и на раковоството на ВМРО-ДПМНЕ кои се обидуваат да си ги спасат личните богатства и интереси, на сметка на интересите на граѓаните и фирмите на кои им е загрозена егзистенцијата и тешко примаат плати. Ситуацијата дополнително ќе се влоши кога ќе престанат сите ингеренции на градоначалниците и советите во општините, нови локални избори не може да се закажат без нов собраниски преседател и тоа ќе значи блокада на целиот државниот систем. Затоа државата мора без одложување да профункционира! Демократските процеси е неоходно да продолжат“, велат од СДСМ.
Партијата нагласува дека Македонија има легитимно парламентарно мнозинство од 67 пратеници зад кое застанаа околу 700.000 граѓани.
„Тоа мнозинство е должно да избере легитимен претседател на Собранието согласно Уставот и Деловникот и да ја формира нова реформска Влада на граѓаните, што е јасно за целата домашна и меѓународна јавност. Само новата Влада може ја заштити унитарноста на Македонија, да обезбеди правда и квалитетен живот за сите наспроти поделбите, изолацијата и економскиот крах и загрозувањето на мирот, кон што водат активностите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Промените се неизбежни. Македонија ќе биде модерна демократска европска држава, водена од одговорни личности и институции“, порачува СДСМ.