Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најави дека ќе ги ослободи учениците во основните и средите училишта од оптовареноста со наставни содржини, бидејќи, како што велат, сега учениците, па и наставниците се преоптоварени со обемен фонд на училишни часови.
-Учениците нема како што е сега, по седум, осум часа да седат во училишните клупи и сепак да не ги добиваат потребните квалитетни знаења поради натрупаните наставни програми. Ќе го намалиме и бројот на ученици во паралелка, од просекот на сегашните 34, на паралелки со просечен број од 25 ученици, со цел да обезбедиме квалитетно образование. Квалитетот на образованието ќе го обезбедиме со награди, а не со казни. За да ги ослободиме децата од притисок по оценки во првите години од школувањето, оценувањето од 1 до 5 одделение ќе биде само описно, се вели во соопштението на СДСМ.
Од партијата додаваат дека квалитетно државно образование е еден од нивните клучни приоритети, па затоа уште во првите шест месеци од мандатот ќе организираат јавна расправа и серија дебати со стручната јавност, вработените во образованите институции и граѓанскиот сектор за функционална промена на концептот на образование, преку примена на успешен образовен европски модел.