И во новата 2020 година, ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски. Опозициската партија останува верна на режимот, целосно раководена од Будимпешта. Последен доказ за тоа е назначувањето на Цветан Трипуновски за дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој е кадар на Никола Груевски и остаток на режимот, реагира владејачката партија откако на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, Трипуновски беше назначен за дополнителен заменик министер во техничката влада.
– Кадарот на Груевски, Цветан Трипуновски беше меѓу главните организатори на партиските собири на ВМРО-ДПМНЕ кои лажно беа претставувани како протест на незадоволни земјоделци, иако на нив недостасуваа вистински земјоделци, а присуствуваа само членови и активисти на опозициската партија. Против Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ има и кривична пријава за злоупотреба на службената должност со што го оштетил министерството за 117.000 евра. Трипуновски е олицетворение на режимската матрица во ВМРО-ДПМНЕ и доказ дека во оваа партија ништо не се менува, реагира СДСМ.