ВМРО-ДПМНЕ не може да излезе од лавиринтот на груевстичката режимска матрица. Потврда за тоа се тимовите на министрите од ВМРО-ДПМНЕ во преодната влада, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Според СДСМ тимот на министерката Рашела Мизрахи е составен од лица кои се познати во јавноста како дел од режимското владеење на ВМРО-ДПМНЕ и биле дел од креирање на погубниот проект Скопје 2014, соработници на Диме Спасов и одговорни за омаловажувањето на сиромашните, стечајците и пензионерите. Дури и самата Мизрахи, велат од СДСМ, ги понижи жените на првиот ден од нејзиното назначување.
Партијата тврди дека тимот на Цветан Трипуновски против кого има кривична пријава за злоупотреба на 170.000 евра, е олицетворение за најцрните 11 години во земјоделството кога земјоделците осиромашувале, производството пропаѓало, а кадрите на ВМРО-ДПМНЕ се богателе на сметка на макотрпниот труд на земјоделците.
За Наќе Чулев којшто сега е во МВР, СДСМ вели дека бил директор на Агенцијата за разузнавање во време кога се случиле настаните во „Диво Насеље“.
„Оваа хипотека на Чулев ќе има негативни импликации во јавноста и кај вработените во МВР но СДСМ нема да дозволи ништо да го загрози изборниот процес ниту сигурносата на граѓаните“, смета СДСМ.
Според нив, ова покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се променило, тоа е истата партија на Никола Груевски, а тоа граѓаните ќе го казнат на 12 април.