„Сите возила, на Гаши, на неговото обезбедување и приватните возила биле пропуштени без контрола. Според информациите кои од свиркачи се доставени до СДСМ, границата со Косово била отворена за службените возила на Гаши, но и за други приватни возила кои исто така биле дел од поворката по невестата“ изјави денеска меѓу другото Богданка Кузеска од СДСМ на прес конференција на која, како што велат, „разоткриваат детали од скандалот со самоволието на коалицискиот партнер на Мицкоски, Африм Гаши и јасно ја обзнануваат улогата на МВР во целиот скандал“.
Она што досега го знае јавноста, е дека партнерот на Мицкоски, Африм Гаши приватно со цела свита обезбедување бил на свадба во Косово со службено возило. Но ова е само мал дел од скандалот за кој денеска ќе ги изнесеме сите информации – рече таа.
„Она што се крие од јавноста е уште поголем проблем за кој дебело треба да одговара Тошковски. Станува збор за тешка злоупотреба на граничниот премин Блаце и пропуштање на приватни возила и лица без контрола кои патувале во поворка заедно со Гаши и сватовите“, укажуваат од СДСМ.
Според информациите на партијата, поворката пред да ја помине границата била паркирана на една бензинска станица во близина на границата. Потоа, сите возила заедно, вклучително и приватните возила, поминале на лентата за камиони, односно товарен траспорт без да бидат застанати.
„Да биде скандалот уште поголем, во возилата каде се што се возело обезбедувањето на Гаши, имало и дел од сватовите односно приватни лица што е законски недозволено. Ова значи, дека границата со Блаце била целосно приватизирана за потребите на Гаши и тоа со амин на МВР и одговорните службеници. Со ова е нарушена безбедноста на државата и проверката на патници која е задолжителна со закон“, нагласуваат од СДСМ.
За нив ова е целосен башибозук и газење на законите нституциите и достоинството на државата.
„Државната граница се третира како партиска своина на ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ. Срам за една држава“, беше истакнато на прес-конференцијата на СДСМ.
„СДСМ бара сериозна истрага од Јавното обвинителство и одговорност од сите инволвирани за овој скандал. Бараме Тошковски да си поднесе оставка или да биде разрешен во најкратка постапка. Бараме внатрешна контрола да утврди одговорност на сите кои ги пречекориле овластувањата во МВР, а Јавното обвинителство да понесе соодветни кривични пријави“, порачаа од СДСМ.