Изборот на Данка Ристова, сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, за член на Судскиот совет е потврда за се што СДСМ зборува изминатите месеци. ВМРО-ДПМНЕ не се интересира за правда – тие сакаат судство кое ќе ги амнестира нивните криминалци, а ќе ги прогонува сите што се спротивставуваат на нивниот режим, велат од СДСМ.
„Јасна е намерата на оваа власт – комплетна партизација и враќање на „Сваровски судството кое ќе биде продолжена рака на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ со месеци предупредува и ова не е изолиран случај, туку јасна стратегија на Мицкоски и неговата партија да ја уништат независноста на судството. Како што беше во времето на Груевски, така и денес, ВМРО-ДПМНЕ сака судиите да бидат само пиони кои ќе носат одлуки според партиски директиви. Се враќа мракот од минатото, кога правдата беше заглушена, а граѓаните беа сведоци на најгрубото кршење на владеењето на правото.
Наместо да обезбедат правда и реформи, ВМРО-ДПМНЕ го враќа судството во своите раце – создавајќи партиска „институција“ која ќе биде обвинител, судија и егзекутор.
Граѓаните и СДСМ не смеат и нема да дозволат узурпација на правдата. СДСМ ги повикува сите граѓани, независни експерти, правосудни работници и граѓански организации да застанат цврсто против оваа узурпација. Ова е момент кога сите заедно мора да покажеме дека правдата не смее да биде злоупотребена, дека судството не смее да биде алатка во рацете на ниту една политичка партија.
Македонија мора да оди напред, кон независен, транспарентен и професионален правосуден систем кој ќе им служи на граѓаните.
Каде се реформите кои се најавуваа? Зошто Владата не го следи реформскиот процес поддржан од ЕУ? Заради тоа што не сакаат правда, туку контрола. Секој обид за партизација на судството е директен напад врз демократијата и владеењето на правото.
Време е граѓаните да кажат гласно „НЕ!“ на враќањето на „Сваровски судството“!“ се наведува во соопштението.