„Јавноста е во целосна конфузија по вчерашниот инцидент со претседателката на Косово, Вјоса Османи откако сите страни излегоа со своја верзија на настанот. Прашуваме, дали се прикрива вистинската верзија за тоа што се случило и од кои причини?“ прашуваат од опозициската СДСМ.
Од партијата велат „додека Косово го окарактеризира настанот како „дипломатски скандал“, јавноста не беше удостоена ниту со прес конференција на МВР за да се разбере што се случило. Вистина ли е дека лице од обезбедувањето на Гаши се заканувало со огнено оружје на вработени на ТАВ и каква била неговата улога? Дали ова во детали ќе го истражи и соопшти МВР или ќе се обиде да го забошоти случајот? Повеќе од очигледно е дека некој се обидува да стави одредени факти под тепих. СДСМ бара целосно расчистување на настанот и транспарентно соопштување од страна на МВР“.
„Како и за повеќе други ситуации, во овој краток мандат на Владата, граѓаните не знаат што се случува и која е вистината. Ние гледаме секојдневно спротивни информации на многу теми и тоа директно од највисоките претставници на власта. Муцунски зборува едно за кредитот за пругата кон Бугарија, Николовски друго. Мицкоски вика дека ќе најде начин да се намалат платите на функционерите, министерката за финансии дека ќе си оди ако и се намали платите. Албанските партии во власта се со сосема различни тврдења од ВМРО-ДПМНЕ по сите прашања од нивни интерес, без разлика дали е тоа албанска МАНУ или балансерот. Оваа Влада е многу нечесна спрема граѓаните и повеќе од јасно е дека вистината тешко ќе се дознава“ велат од СДСМ.