СДСМ: Создадовме услови за зачувување на 250.000 работни места, Развојната банка ги одобри првите бескаматни кредити

by Fokus

СДСМ заедно со надлежните институции во државата, паралелно со мерките за заштита на здравјето, се бори за надминување на економските последици предизвикани од пандемијата на коронавирусот, за спас на секое работно место, за секој работник, за да се обезбеди приход за секој човек, се вели во партиското соопштение.

-Започна реализацијата на големиот пакет првични економски мерки во вредност од 200 милиони евра. Одобрени се и првите бескаматни кредити од страна на Развојната банка, за 136 компании со 1.737 вработени. Поради големиот интерес за оваа мерка, Развојната банка веќе го зголеми буџетот и обезбеди дополнителни 8 милиони евра кои им се ставени на располагање на микро, малите и средните претпријатија. Државата создаде услови, фирмите да покажат одговорност и солидарност, преку користење на мерките за помош и поддршка, да ги задржат сите вработени. Со мерките кои веќе се усвоени и за кои има соодветни Уредби со законска сила, државата спасува 250.000 работни места и помага на 35.000 фирми, појаснуваат од СДСМ.

Според СДСМ со овие мерки, фирмите, занаетчиите,  самостојните дејности, спортските работници погодени од кризата, односно секој работник од државата добива по  14.500 денари, плата за месеците април и мај.

-Покрај оваа мерка фирмите можат да изберат помош за покривање на 50 отсто од трошоците за придонеси на секој вработен. За граѓаните обезбедени се сериозни финансиски олеснувања, се одложува наплатата на кредити, плаќањето закуп за социјалните станови, а извршните дејствија на извршителите се стопирани. Паралелно се кратат непродуктивните трошоци, но и се намалуваат платите на избраните и именувани функционери, затоа што сега е време за солидарност и меѓусебно помагање. Во ваква ситуација важно е ширењето лажни вести и неоснована паника од страна на опозицијата да престане, тоа е на штета на граѓаните и нивното здравје.
Време е за солидарност и заедничко делување, велат од СДСМ.

Поврзани новости