Максим Димитриевски – претседателот на ЗНАМ вчера го повика раководството на СДСМ во наредните 24 часа да поднесе неотповикливи остави од функциите во партијата, како и носителите и ко-носителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати
Од СДСМ преку соопштение одговорија на условите за евентуална соработка по изборите и велат дека не прифаќаат уцени и нема тргување со иднината на државата.
– Граѓаните и гласачите на СДСМ веќе ја препознаваат измамата која им е сервирана од страна на ЗНАМ и непринципиелните коалиции. За разлика од субјектите како ЗНАМ, кои се човек-партија СДСМ е државничка партија со длабоки и силни корени. Не прифаќаме условувања од било кого, СДСМ со никого нема да прави политички дилови. Ова е прашање на иднината на државата и со неа нема тргување – се вели во соопштението.
Од партијата додаваат дека тие се единствената партија наследник на НОБ, на АСНОМ и ќе продолжат да ги водат социјалдемократските вредности, борбата за граѓаните и европската иднина на Македонија.
– Нас не водат социјалдемократските вредности, борбата за граѓаните и европската иднина на Македонија. Не се откажуваме од тоа, СДСМ е цврста и силна партија. Ќе продолжиме да се бориме за овие вредности. СДСМ е единствената партија наследник на НОБ, на АСНОМ – велат од СДСМ.
Димитриевски вчера го повика раководството на СДСМ во наредните 24 часа да поднесе неотповикливи остави од функциите во партијата, како и носителите и ко-носителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати.
– Во наредните 24 часа раководството на СДСМ да поднесе комплет неотповикливи оставки од сите можни функции во партијата. Второ, носителите и ко-носителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати и истите ќе ги преземат сите кандидати коишто следуваата на листите по нив. Трето, да се обврзат дека ниту тајно, ниту јавно нема да продолжат да заговараат соработка со сегашното ДУИ, за навистина, а не само формално, туку и суштински со пример, да покажат дека ја примиле вистински пораката на граѓаните и постапиле веднаш по истата – рече Димитриевски.