СДСМ со критики кон законот за реорганизација на владата: Погрешно решение!

by Фокус

Собраниската Комисија за политички систем ја заврши расправата за Предлог-законот за реорганизација на органите на државната управа по скратена постапка и тој сега е даден на натамошна постапка.

За законот дебатираа само пратениците од СДСМ, кои сметаат дека ова е погрешно решение, кое се носи по скратена постапка, без анализа и дебата и може да има лошо влијание.

Пратеничката Јована Тренечевска, зборуваше за Предлог-законот во делот на труд и социјална политика и поделбата на надлежностите потенцирајќи дека станува збор за шминка и дека ќе се руинира она што е направено во изминатите 30 години.

Дополнително, посочи таа во законот стои дека ќе има фискални импликации но не се посочува колку ќе чини оваа реформа. Обвини дека ВМРО-ДПМНЕ веднаш постапува спротивно на изборната платформа.

Ја критикуваше реформата согласно која ресорот труд се припојува кон министерството за економија. Разделувањето на ресорите труд и социјална политика, смета Тренечевска, може да доведе до занемарување на работничките права за сметка на економијата.

Посочи на повеќе делови од законот, во кои според неа, нема образложение зошто се прави оваа промена, како за инспекциските служби на пример.

Тренчевска зборуваше и за новото министерство за спорт, посочувајќи дека освен во Луксембург, во ниту една друга европска земја нема посебно вакво министерство.

Според неа, до стапување на сила на овој закон ќе настане конфузија и министерствата нема да бидат функционални.  Овие позиции, предупреди Тренчевска, може да влијаат и на губење на парите од европските фондови.

Славјанка Петровска, пратеничка од СДСМ, смета дека почетокот на ова парламентарно мнозинство е поразително посочувајќи на скратената постапка со која се носи овој Предлог-закон. Обвини дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не се вклучуваат во расправата.

Претходно, Фатмир Битиќи од СДСМ зборуваше за Предлог-законот изнесувајќи низа критики, меѓу кои и дека тој се носи без соодветна анализа и дебата, како и без објаснување како тој ќе ги смени животите на граѓаните.

Според него, се зголемува бројот на министерства и другите органи а со тоа администрацијата ќе стане поробусна и уште понеефикасна.

Поврзани новости