486
Ефикасните и успешните политики што СДСМ ги реализираше изминатите двеипол години ја стабилизираа економијата, тоа овозможува подготвено да ги дочекаме економските предизвици предизвикани од коронавирусот, се вели во соопштението на СДСМ.
-Со издржани и конкретни мерки и решенија ќе ги намалиме негативните последици врз економијата и ќе помогнеме на работниците, на фирмите, на стопанството, на сите граѓани. Токму во таа насока се и мерките на СДСМ и претседателот Зоран Заев, врз база на солидарност и финансиска конструкција, директно насочени кон граѓаните, кон работниците, кон зачувување на секое работно место. Со мерките што ги предлагаме обезбедуваме минимална плата за секој работник во фирмите погодени од кризата, пишуваат од СДСМ.
Ти објаснуваа дека со 50 отсто од просечната плата ќе им се помогне на оние кои поради кризата останале без работа.
-За нас секој работник е важен и секое работно место е важно, затоа се бориме да ги сочуваме работните места. 7.000 денари обезбедуваме за секое домаќинство каде има лица кои останале без работен ангажман или биле дел од неформалната економија. Кредитите за правните и физички лица се одлагаат за три месеци, се стопираат извршителите на три месеци, а во тој период од плаќање закуп се ослободуваат корисниците на социјални станови и оние кои под закуп имаат деловен простор од Јавното претпријатие за станбен и деловен простор. Ова се мерки на солидарност и меѓусебно помагање. Затоа сите функционери, министри, директори, градоначалници, сите раководители и сите вработени во јавниот сектор ќе земаат минимална плата од 14.500 денари за месеците април и мај. Претседателите и членовите на Советите во општините и претседателите на управните и надзорните одбори нема да земаат надоместоци во месеците април и мај. Овие пари ќе одат директно во фонд преку кој ќе им се помага на граѓаните и компаниите погодени од кризата. За фирмите се обезбедуваат нови 50 милиони евра евтини кредити и се забранува стечај за време на кризата. Ова се мерки со кои товарот од кризата се дели рамноправно меѓу сите, за негативните последици да бидат што поблаги а ситуацијата побрзо да се надмине. Го ставаме на располагање овој пакет економски мерки до Владата, со цел да се спречи и помогне веднаш на македонската економија, да се спречи губење работни места, да се спречи затворање на фирмите, да спречи сиромаштија и социјална криза. Покажавме дека можеме и знаеме како да се справиме со сериозни економски предизвици, ќе го победиме заедно невидливиот непријател и ќе се справиме со економските последици од оваа сериозна криза. Здружено и солидарно ќе се обединиме и ќе ја надминеме кризата од коронавирусот, ќе ги санираме последиците и ќе обезбедиме напредок и развој за сите, се вели во соопштението.