Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во јуни ќе спроведе внатрепартиски избори за нов лидер откако Димитар Ковачевски, официјално го потврди своето повлекување од функцијата претседател на партијата.
Извршниот одбор на партијата на вчерашната седница донел заклучок дека по повлекувањето на Ковачевски почнуваат да течат статутарните рокови за организирање нови директни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ.
„Извршниот одбор ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог-роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на месец јуни во транспарентна и демократска постапка“,се наведува во денешното соопштение од СДСМ.
Постапката за нови непосредни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ ќе ја спроведе избраната Централната изборна комисија, во истиот состав, која согласно Статутот сè уште има мандат.
Извршниот одбор, како што информираат од партијата, донел одлука за формирање работни групи за активна регистрација на членството за гласање на директните внатрепартиски избори, како и за организација на отчетен Конгрес на СДСМ, согласно Статутот.
Оставки од функциите имаат поднесено и членовите на Извршниот одбор, раководството на СДСМ, заменик-претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организацискиот секретар и секретарот за меѓународна соработка.