„Мега скандал е тоа што документи од специјалната јавна обвинителка, кои биле доставени до Советот на јавни обвинители, се надоа кај медиуми под контрола на Груевски, Прес 24, Курир, Сител, реагира СДСМ по објавените детали од плановите за работа на Јанева.
Според партијата објавени се план за работа на специјалната обвинителка, персонален план, финансиски план, а посочените медиуми знаат и дека документите биле доставени до Владата.
-Скандалозно, објавени се текстови во коишто се наведуваат законски одредби за хипотетичка одговорност на специјалната јавна обвинителка, која сеуште не почнала ни да работи. Ова се примери на директни недозволиви притисоци на Груевски врз специјалната јавна обвинителка, која треба да почне да ги работи на случаите поврзани со прислушувањето и делата што произлегуваат од него, се вели во соопштението на СДСМ.
Инаку медиумите објавија дека на Јанева и се неопходни 124 луѓе, како и милион евра за нормално функционирање на специјалното обвинителство.