Заклучоците на Советот на ЕУ донесоа добри вести за сите држави од нашиот регион, освен за Македонија, која, наместо пофални зборови, добива забелешки, главно за судството и медиумските слободи, вели Лидија Димова од СДСМ.
– За Црна Гора се констатира подобрување на независноста и ефикасноста на судството и се забележува напредок и во борбата против корупцијата. За Србија Советот има пофални зборови за подготвеноста на српската администрација и забележува напредок кај борбата против корупцијата и организираниот криминал. За Албанија, забележан е успех во борбата против организираниот криминал и реформата на судството. Дури и за Косово и Босна и Херцеговина Советот нотира превземање на чекори за напредок. За Македонија Советот на ЕУ има сериозни предупредувања за назадување на реформите, особено ги нагласува „сериозните недостатоци кај независноста на судството и кај медиумските слободи“, но и растечка политизација на државните институции и политичката криза во државата – рече Димова.
Според неа, загрижувачки е и тоа што во параграфот за добрососедски односи нема осврт само на билатералниот спор со Грција, туку и на односите со Бугарија.