Се тресеше гората во „белата палата“ и на крајот ВМРО-ДПМНЕ за техничката влада понуди слаби и нестручни кадри, се вели во реакцијата на СДСМ откако синоќа Извршниот комитет на опозициската партија ги утврди своите кандидати на министри и дополнителни заменици министри за техничката влада.
Имињата на кандидатите синоќа во телевизиско интервју ги кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а неполни два часа подоцна по седницата на Извршниот комитет на партијата, потпретседателот Тимчо Муцунски потврди дека за технички министер за внатрешни работи го предлагаат Панче Тошковски, Ѓоко Велковски за труд и социјална политика, додека за дополнителен заменик-министер за финансиии е предложена Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Според владејачката СДСМ, пак, дел од предложените кандидати на главниот политички опонент за во техничката влада се лични пријатели на Мицкоски, дел се кадри од времето на Никола Груевски за кои има поднесено кривични пријави, а дел се поранешни функционери во Град Скопје.
Но, ниту еден од нив, велат од Бихаќка, зад себе нема ниту еден резултат.