Пакетот економски мерки што ги донесе Владата на Република Северна Македонија предводена од СДСМ им овозможува на работниците, занаетчиите, на малите и средните претпријатија да го пребродат најтешкиот период, кога трпат загуби поради здравствената криза, велат од СДСМ.
-Спас на секое работно место, помош на секоја компанија е наша задача и цел која ќе ја исполниме. Владата обезбеди дополнителни 492 милиони денари, односно дополнителни осум милиони евра за директно кредитирање на микро, мали и средни компании чија економска дејност е погодена од корона вирусот. Веќе се реализира и вториот пакет на економски мерки кој вклучува 14.500 денари месечно по вработен, помош за спортисти од 14.500 денари, помош за уметници и паричен надоместок за граѓаните што останале без работа поради кризата. Со цел да помогнеме во надминување на последиците од кризата, Владата донесе и Уредба со која се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2020 година, се вели во нивното соопштение.
Според СДСМ обезбедено е и ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка за месеците март, април и мај 2020 година, за правните лица кои вршат угостителска дејност, дејност на туризам или транспорт и други компании кои имаат претрпено штети во своето работење поради спроведување на мерките за справување со КОВИД–19.
-Ова се само мал дел од мерките кои имаат за цел помош на домашните претпријатија, помош за секое работно место. Се подготвува и нов пакет на суштински мерки и политики кои ќе обезбедат дополнителна помош за домашната економија.Со одговорно и домаќинско работење, ќе ги надминеме сите предизвици со кои се соочуваме со што помали последици врз стопанството, порачуваат од СДСМ.