Владата на Мицкоски и институциите под нејзина надлежност потфрлаат во справувањето со пожарите низ државата. Лошата координација со воздухопловите и нивното доцнење со часови се посочува како најслаба алка во делот на справувањето со пожарите во изминатите денови. Ова денеска на прес-конференција го изјави портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Богданка Кузеска, посочувајќи ја состојбата со пожарите како алармантна и загрижувачка.
„Изгорени се над 130 квадратни километри, активни се уште многу пожари, а зафатена е огромна површина од над 20 илјади хектари“, рече таа.
Граѓаните од терен, како што вели Кузеска, информираат дека пожарникарите навреме дејствуваат и силно се борат со огнот, но во исто време забележуваат бавна реакција на водухопловите и нивно доцнење со часови, како и дека го нема присуството на полицијата.
„Повеќе од 10 дена гори пожарот во Македонски Брод, а селата Тажево и Брезница се под закана. Информациите од терен потврдуваат дека постојано има пожарникари, но нема соодветна воздушна поддршка. Постојат индиции дека дел од пожарите можеби се и подметнати. Но, досега нема никакви информации од МВР. Зошто никој не е приведен? Зошто ниту еден случај не е расчистен?“, прашува Кузеска.
Според Кузеска, Тошковски покажа неспособност да ја координира активноста на Управувачкиот комитет за системот за управување со кризи, па затоа бараат Мицкоски итно да го разреши и да назначи нов одговорен на ова тело.
„Само директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, е постојано на терен и очигледно е дека дава сè од себе. Но, зошто ги нема Тошковски и Мицкоски“,
вели таа.
Мицкоски, како што вели Кузеска, мора да разбере колкава одговорност носи, да се појави на терен, да преземе нешто и да ја подобри координацијата на воздухопловите и ефикасноста на институциите, со цел побрзо да реагираат.