СДСМ предложи мерки против загадувањето, ДПМНЕ ја распушти седницата

by fokus

 

Советот на Општина Битола денеска се откажа од расправата за преземање мерки за намалување на енормното загадување на воздухот во градот, каде секојдневно концентрацијата на канцерогените ПМ 10 честички надминува и по десет пати над дозволеното.

Опозицијата предложи неколку конкретни мерки, но советниците од власта инсистираа да се повикаат стручњаци и подетално да се подготват материјалите за расправа во вторник, за кога е закажано продолжението на седницата.

СДСМ предложи краткорочни мерки, но и долгорочни проекти за кои побара да се издвојат 20 милиони денари за гасификација на градот.

Советниците од власта пак, рекоа дека загадувањето е глобален проблем и дека битолската локална власт презела сè што е потребно за подобрување на квалитетот на воздухот.

-Затоа бараме в понеделник да се состане комисијата за екологија и да ги разгледа краткорочните мерки што може да се преземат, така што оваа точка да остане за наредниот вторник- рече Соња Трпезановска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Загадувањето на воздухот е алармантно во сите поголеми градови, а по стапката на смртност како последица од него, Македонија е меѓу првите во Европа.

Поврзани новости