СДСМ прати линк од собраниската страница каде е објавена декларацијата за Илинден, откако ВМРО-ДПМНЕ објави дека исчезнала

by Fokus

Владејачката СДСМ прашува дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ му кријат информации на претседателот на оваа опозициска партија, бидејќи декларацијата по повод 120 годишнината од Илинден е поднесена во Собрание.

Во соопштението испратено до јавноста СДСМ објави и линк до веб страницата на Собранието каде е објавен целосниот текст на декларацијата.

Оваа реакција од СДСМ доаѓа откако ВМРО-ДПМНЕ претходно објави дека декларацијата за Илинден исчезнала.

„ Со денови ДПМНЕ пласира едни исти лаги за Декларацијата за Илинден којашто ја поднесе СДСМ. Што се случува во ДПМНЕ? Дали намерно пратениците на ДПМНЕ не го известиле Мицкоски дека Декларацијата за Илинден е поднесена во Собранието? Доколку во ДПМНЕ меѓу себе си кријат информации едни од други тоа е едно, но изнесувањето невистини и лаги во јавноста е нешто сосема друго.

Која е целта на пратениците на ДПМНЕ не навлегуваме, тоа го сметаме за внатрешно прашање во опозициската партија, но јавноста ја заслужува вистината. Впрочем сметаме дека и самиот Мицкоски заслужува да ја знае вистината“, стои во соопштението на СДСМ.

Претходно денес ВМРО излезе со соопштение во кое стои дека иако таа е најавена пред 20 дена, ниту некој ја видел ниту некој ја прочитал.

„Исплашени од реакциите и укорите кои ги добија од Бугарија, СДС остана нема и целосно заборави на Декларацијата за Илинденското востание која помпезно ја најавуваше. Оваа Деклерација веќе 20-тина дена откако ја најавија, никој ниту ја има видено, прочитано, ниту пак е ставена на некоја седница во Собранието. Иако бараа поддршка од сите политички чинители, Ковачевски и СДС откако добија укор од страна на Бугарија, а тоа најдобро го почувстувале Бојан Маричиќ и Бујар Османи бидејќи жестоки биле реакциите од страна на бугарските власти, декларацијата исчезна.

За да граѓаните заборават на оваа Деклерација, поврзана со Илинден и Илинденското востание, решија да напишат нов документ, овој пат наречен Манифест, каде што бараат консензус“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ

Поврзани новости