СДСМ вчера ја повика Владата итно да го разреши скандалот со филмот „До балчак’.
– Прво, на филмот противзаконски, со владина одлука му беа доделени 2.5 милиони евра, откако Филмскиот фонд веќе го поддржа со половина милион евра. Сега премиерата на филмот „До балчак’, скандалозно, на меѓународниот филмски фестивал во Битола, Браќа Манаки“, помина во траорна атмосфера поради незадоволството на филмската екипа и неподмирени обврските кон локалното стопанство. СДСМ бара лично од Никола Груевски, како најодговорен, кој додели 2.5 милиони евра за овој филм, да каже каде отидоа парите? Зошто не се исплатени плати на глумците и филмската екипа?Зошто не се исплатени средства на соработниците на филмот? Како е можно, филм што дошол до ниво на премиера, па дури се споменува и за кандидат за Оскар, да е соочен со катастрофално менаџирање со продукцијата – праша вчера Роберт Алаѓозовски, претседател на Комисијата за култура на СДСМ.
Од Агенцијата за филм вчера веднаш реагираа дека државата во целост ги исплатила сите предвидени средства кон продукциската куќа под чија ингеренција била реализацијата на филмот.
– Одлуките за финансиска поддршка на реализацијата на филмот „До балчак“ беа донесени како резултат на интенцијата на државата за поддршка на културното творештво – коментираат од агенцијата.