„Недозволиво е само неколку часа да паѓа снег и граѓаните во пола држава да се блокирани. Цели семејства со деца се смрзнуваат по непроодните патишта. Завеани се цели села и градови. Со часови беше блокиран главниот коридор во земјава, Велес – Скопје, каде и сега сообраќајот се одвива исклучително тешко, реагираа со писмено соопштение од опозицискиот СДСМ.
– Да не говориме за необезбедените клисури и засеци, каде и во лето има голема опасност од одрони, а не пак при снег. Препораката да не се излегува од дома не може да биде главна мерка за справување во снежни услови. Сервисите на државата мора да се целосно посветени на граѓаните. Граѓаните ги плаќаат институциите да се грижат за нивните потреби. Ги плаќаат преку целата година, за тие да можат да работат и во отежнати околности – тврдат од партијата.
Според нив, еден од главните проблеми е што надлежните институции немаат соодветна механизација.
– Снегот се расчистува со 100 проценти стара механизација! Освен што се стари возлилата, јавните претпријатија располагаат со многу мал број возила. Поради тоа ангажираат други приватни фирми, но и тие, според информациите што ги имаме, имаат стари возила. Едноставно, поради криминалните политики на досегашната власт за непотребни камени објекти и лажен барок, преку што се богатеа поединци, државата е оставена без капацитет да одговори на потребите на граѓаните – додаваат од СДСМ.