СДСМ поднесе закон за намалување на ДДВ за струја од 18% на 5% и укинување на ДДВ на храната

by Fokus

Денес, како одговорна опозиција, предлагаме конкретни законски измени кои ќе доведат до заштита и подобрување на животниот стандард. Пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесоа Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за ДДВ, со кој бараме намалување на данокот за електричната енергија од 18% на 5%, но и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, односно негово намалување од 5% на 0%. Со овие предлог-измени, бараме системска реализацијата на две од седумте економски мерки на СДСМ, изјави пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.

„Намалувањето на ДДВ за електричната енергија ќе значи 13% пониски сметки, односно поевтина струја за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедат околу 400 денари – износ што, наместо да оди во државниот буџет, ќе остане во семејните буџети. Додека пак, укинувањето на ДДВ за основните прехранбени производи ќе донесе до поевтинување на храната, односно намалување на цените на основните прехранбени производи за 5%.

И покрај тоа што со месеци ветуваа мерки за намалување на цените, гледаме целосен дебакл на владините политики. Т.н. „антикризни празнични кошнички“ доживеаја фијаско! Најавеното замрзнување на маржите сè уште не е донесено!

Додека Владата да реагира за цените на храната, граѓаните почнаа да плаќаат и повеќе за струја. Се формираше Министерство за енергетика, но минатата година тоа реализираше само 50% од планираните капитални инвестиции. Домашното производство на енергија не расте, што нè прави уште позависни од скап увоз. Во ноември, планираниот увоз на струја од соседните земји беше 0 GWh, но реално беа увезени 351,3 GWh. Истото се повтори во декември, кога планираниот увоз повторно беше 0 GWh, а се увезоа 425,7 GWh“ рече тој.

Според Битиќи, она што Владата упорно одбива да го направи, СДСМ и коалицијата преземаат конкретни чекори да го спроведат.

„Со поднесувањето на овој Предлог-закон по скратена постапка, започнуваме процес за системска реализација на мерките што директно ќе го олеснат финансискиот товар на граѓаните. Ако ВМРО-ДПМНЕ навистина се грижи за животниот стандард, ќе го поддржи овој предлог. Секое одолговлекување значи нов удар врз семејните буџети. Секој глас „ЗА“ ќе биде глас за реални, опипливи решенија.

Владејачкото мнозинство досега ја претвори скратената постапка во своја омилена политичка алатка – кога треба да се протурка закон за вонинституционално договорени партиските шеми. Но, денес, за првпат, им се дава можност да ја искористат оваа брза трака за нешто што навистина ќе го почувствуваат сите граѓани – за пониски сметки за струја и поевтина храна“ рече Битиќи.

Поврзани новости