СДСМ поднесе амандман за награда на пожарникарите, полицајците, војниците, и сите кои учествуваа во гасењето пожари.
-Се наоѓаме во период на сериозни пожари во државата, а се вклучени противпожарните бригади, полициски службеници и армиски припадници, и затоа е потребно е да им се дадат соодветни награди на сите кои учествуваат во гаснењето на пожарите – рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната расправа на комисијата за носење на буџет.
Според него, сега потребен е заеднички пристап кон оваа ситуација, без злоупотреба на ситуацијата за политички цели.
-Сега кога имаме прогласено кризна состојба во државата, а сè уште беснеат пожарите, само вчера имавме пожари на 12 населени места, а ја имаме за жал и првата жртва, она што треба да го направиме како Собрание, е да помогнеме. Ние како пратеничка група на СДСМ, стоиме на располагање, за што и да треба дополнително, за ефикасна борба со пожарите – рече Спасовски.
Тој потенцираше и дека пратеничката група на СДСМ има поднесено и законски текст кој се однесува на посебните права на припадниците на безбедносните сили, закон за оштета на сите припадници на безбедносните сили, загинатите припадници, на нивните семејства, кои во 2001 година го загубија својот живот.
-Но ова се однесува и на сите оние кои подоцна го загубиле животот, како припадниците на МВР и припадниците на одбраната, и во кумановските настани, како и во хеликоптерските несреќи кај Блаце, и кај Струмица. Со закон за изменувања на права на припадниците на безбедносните сили да се обезбедат финансиски средства за да ги исплатиме сите овие семејства, нивните наследници и на овој начин да се затвори ова прашање кое подолго стои во македонското општество – рече Спасовски.