СДСМ: Освен лажните сертификати, Христовски нема ниту 5 години стаж на раководна позиција

by Fokus

Скандалот со незаконското поставување директор на АНБ се проширува. Документи доставени до нас од свиркачи покажуваат дека Бојан Христовски нема вкупно 5 години стаж на раководна позиција, што е законски услов за да може да биде директор на АНБ, соопшти СДСМ.

„Станува збор за изводи од Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, од кои со малку математика може да се оспори и главниот услов за негово назначување.

Медиуми во Македонија и во Бугарија веќе покажаа дека Христовски нема ниту вистински сертификат за Англиски јазик, што е исто така законски услов кој не е исполнет“ велат од партијата.

За да стане директор, како што додаваат, Христовски свесно употребил фалсификуван документ и тоа е кривично дело.

„Во меѓувреме се редат кривични пријави за лажни сертификати. Се дозна дека две директорки се веќе казнети за лажни сертификати од истото место каде што е сертификатот на Христовски, компанијата Јулија ЦО ЛТД.

Ова се премногу спорни моменти и незаконитости и надлежните институции нема што да чекаат туку треба веднаш да постапуваат, МВР да му поднесе кривична пријава на Христовски а Обвинителството што побрзо да го расчисти целиот случај“ се наведува во соопштението.

Законот мора да се почитува а професионализмот на АНБ да се заштити, порачаа од СДСМ.

Поврзани новости