Владејачката партија СДСМ утрово повтори дека одговорност ќе има за сите инволвирани во случајот на Клиниката за онкологија, бидејќи се работи на негово расчистување.
–Одговорност за сите инволвирани во случајот на Клиниката за онкологија ќе има без пардон, независно од политичката или етничка припадност. Институциите работат со цел расчистување на овој грозен случај и одговорност за сите вмешани, соопшти СДСМ.
Од СДСМ повторија дека за прв пат надлежните преземаат акција на оваа Клиника, иако со години се пишувало и имало индиции и гласини за злоупотреба на терапија.
-После 20 години, гласини и индиции во голем број на сектори, а особено во здравствениот сектор, за прв пат МВР и Обвинителството влегоа и направија акција за прибирање на обемен доказен материјал во врска со јавно изнесени обвиненија и сомнежи од страна на граѓани, медиуми, пациенти, соопшти СДСМ.
Од СДСМ велат дека даваат силна поддршка на институциите за целосно расчистување на случајот и откривање на сите одговорни, во целиот временски период, години наназад.
-Повикуваме да не се прави политизација и злоупотреба на случајот, ниту сензационализам и напад врз сите медицински лица, соопшти СДСМ.