Владата на Груевски целосно им го одзема правото на нега од трето (друго) лице, правото на додаток за слепило или мобилност и глувост на сите кои имаат месечен приход повисок од просечната плата, реагираше денеска СДСМ.
– Новите измени на Законот за социјална заштита што власта ги усвои сама, ги кршат човековите права, дискриминаторски се и противуставни. Овие права се остваруваат врз основа на болест или инвалидитет и не може да се поврзуваат со приходи, како што и досега никогаш не биле поврзани со приход. Ваквата дискриминација во пракса ќе значи дека две лица, со иста дијагноза но со различен приход, нема да можат да остваруваат исти права. Лицето кое има месечен приход до 21 илјада денари ќе може да ги оствари овие права, а она лице кое има само 500 денари повеќе нема да може, иако имаат иста болест. Без дебата, без консултација со граѓаните на кои овој закон се однесува, власта ги донесе најновите измени на Законот за социјална заштита на штета на околу 25.000 граѓани. Никаде во програмите на ВМРО-ДПМНЕ не се спомува дека на голем број граѓани ќе им го скратат правото на помош и нега од трето лице – потенцираше претседателката на советот за труд и социјална политика при СДСМ, Мила Царовска.