Граѓаните и Република Македонија брзо ќе добијат стабилна Влада со полн легитимитет, што ќе ги заштити граѓанските и државните интереси! Новата Влада ќе обезбеди квалитетен живот и развој на државата, наместо криминалите и изолацијата од досегашната власт, што ги загрозија егзистенцијата на луѓето и развојот на земјата. Прво ќе биде избран новиот собраниски претседател, а потоа и новата Влада, согласно Деловникот, Уставот и законите, се вели во соопштението на СДСМ.
„Трајко Велјаноски и Ѓорге Иванов не смеат противуставно и противзаконски да ги блокираат демократските процеси. Тие се должни согласно Уставот и законите да овозможат мирен трансфер на власта. Во Парламентот демократски е формирано парламентарно мнозинство од 67 пратеници, кои претставуваат околу 700.000 граѓани!
И во Македонија, како и секаде во светот, формираното парламентарно мнозинство е власт, бидејки тоа ја одразува мнозинската волја. А како и во секоја демократска земја во светот, и во Македонија, согласно Уставот и законите партиите по изборите имаат право да го формираат мнозинството кое што има должност да се обиде да ја формира новата Влада.
Со Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ никој не сака да коалицира. Оттука, нови и нови избори не се решение, туку туркање на граѓаните и Македонија во долга политичка криза со несогледливи последици по економијата и стабилноста. ВМРО-ДПМНЕ има 51 пратеник во Собранието. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се веќе опозиција. Затоа, Велјаноски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Иванов, се должни итно да обезбедат здрав разум што е загрозен кај Груевски и фамилијата од стравот од промените.
Легитимна е мнозинската волја, а не криминалната волја на поединци! Секое попречување на мнозинската волја со насилство и разгорување тензии е дело против државните интереси! Според мнозинската волја и Програмата на новата реформска Влада на унитарна Македонија, ќе има живот за сите, правда и правичност. Македонија ќе биде едно општество на еднакви граѓани со еднакви права и обврски, земја со среќни граѓани, со повисоки плати, со еднакви шанси за успех на сите. Демократските процеси се незапирливи. Граѓаните ќе ја добијат новата реформска Влада за којашто гласаа на изборите“, велат од СДСМ.