Премиерот од Америка со порака за најголем „успех“ од посетата: грант од пет милиони долари за развој на антимон кај Крстов Дол, Луке, Крива Паланка. И со разговор во ходник со државниот секретар Марко Рубио, кој дома го продава како средба на ултра високо политичко ниво, се вели во соопштението од СДСМ.
Велат „Страшно е човек што ја води владата на земјата, неформално муабетење во ходник да го претстави како официјална средба. Средба од тој ранг се води во кабинет, во сала, со агенда и записник. Не во ходник. Не раскопчан. Не без вратоврска. Не со раце во џебови. Нема основна култура. Нема почит кон институција и кон соговорник. Нема политички бонтон. Како од пазар. Ама после изјавата дека тој е институција, што би имал почит кон други институции. Арамија е тоа“.
„Обезбедување што го следи (затоа што е сепак загрозена личност, се виде по Фејсбук) во маици со кратки ракави и дречливи бои. Часовници од шеесет илјади евра. Неиспеглан костим и кошула од десет илјади евра – да ја импресионира американска бирократија. Еве како нè претставува самопрогласената елита. Како во кафеана. Додека сопствениот народ го нарекува талог, елитата баш се покажа. На ниво. Поведе околу педесет луѓе на народен грб. Резултатот е пет милиони долари за рудник. Знаете ли колку е тоа малку? За заштита на животна средина, на подземни води, на воздух од прашина од ископ – не стигнува ни десет пати повеќе“.
„Антимонот не е леб и не е плата. Тоа е метал за воена индустрија. Се копа, се дроби, се топи. Од јаловината влегува во почва, во бунар, во растение. СЗО има строг лимит во вода за пиење. Европа такви ископи ги запира затоа што отровот останува, профитот заминува. Пет милиони на туѓа компанија за природен ресурс значи три работи: државата сама не работи; нема буџет за луѓето и за реките околу Крива Паланка; се дава нанадвор поради провизија. За настап на прослава фрлија 5,53 милиони евра народни од Лотарија, пари што требаше да завршат во буџет за граѓаните на Македонија“ велат од СДСМ.
Ставот е „Ова не е дипломатија, ова е екскурзија. Ходникот не е кабинет. Грантот не е рудник. Нема агенда. Нема заедничко соопштение од Стејт Департментот. Нема потпис. Има ходник и Фејсбук-статус на арамијата Мицкоски – институција, елита. Тоа не е политика туку режија. Македонија не се мери со ходник. Се мери со тоа што останува во земјата откако ќе си заминат“.