Фицо: Словачка нема да учествува во новиот заем од ЕУ за Украина

by irena 17:40
17:40

Словачка нема да учествува во планираниот заем од Европската Унија за Украина, чија вредност се проценува на 45 милијарди евра, а кој треба да биде обезбеден за 2027 година, изјави денес словачкиот премиер Роберт Фицо.

На прес-конференцијата, по вонредниот состанок на Европскиот совет, Фицо изјави дека заемот ќе се реализира преку механизмот за засилена соработка, кој ѝ овозможува на Словачка да не учествува во неговото финансирање.

Според неговите зборови, премиерите на Унгарија и Чешка, исто така, објавија дека би можеле да заземат ист став, пренесува словачката агенција TASR.

Тој истакна дека на состанокот не се донесени конечни одлуки за заемот, но дека е утврдено дека механизмот за засилена соработка е единственото можно решение за обезбедување финансиска помош од повеќе од 45 милијарди евра.

„Го повторувам она што го кажав неколку пати: бидејќи не сме заинтересирани да учествуваме во заем од 90 милијарди евра, Словачка нема да учествува ниту во овој заем“, рече Фицо и додаде дека Братислава не може да ги спречи другите земји да позајмуваат пари на Украина доколку сакаат.

Како што изјави, максималниот износ на заемот ќе биде разгледан на состанокот во декември, а земјите што сакаат да учествуваат ќе можат да го сторат тоа, додека Словачка нема да се приклучи на аранжманот.

Фицо процени дека одлуката да не учествува ќе донесе финансиски заштеди за Словачка, чиј удел во покривањето на каматата преку буџетот на ЕУ би изнесувал околу 14 милиони евра годишно.

Тој додаде дека дел од овие средства би можеле да бидат насочени кон хуманитарна помош за Украина преку испорака на производи произведени во Словачка.

Слични вести