СДСМ: Недела ден за одмор, посветени сме на унапредување на работничките права

by Fokus

​Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев ги исполнува ветувањата дадени пред граѓаните, ги спроведува мерките и политиките што носат подобри услови за работа на работниците, придобивки за граѓаните, за економијата, за државата, се вели во соопштението на владејачката партија СДСМ.

-Владата го усвои Предлог-законот за работни односи со чии измени недела ќе биде ден за неделен одмор од први октомври 2021 година. Измените на овој закон кои се изработени по пат на социјален дијалог, предвидуваат недела да биде ден за неделен одмор за сите работници, освен за дел од работниците во дејностите каде работниот процес не може да биде прекинат. Но, овие работници кои ќе работат во недела ќе добиваат дневница повисока за најмалку 50% од редовната дневница, а исто така ќе добијат и слободен ден што можат да го искористат во наредните седум дена.

Резултатите од спроведените анализи говорат дека, со овие измени, недела ќе биде ден за одмор за над 92% од работниците во земјава.

Паралелно, со измените на Законот за трговија за вработените во трговија предвидена е двојна дневница и слободен ден, бидејќи станува збор за дејност која не може да се прекине.

Имплементацијата на Законот ќе биде под целосна контрола на Државниот инспекторат за труд, а оние кои нема да го почитуваат ќе добијат забрана за работа од 15 дена и прекршочен платен налог.

Како одговорна, социјалдемократска партија целосно сме посветени на унапредување на работничките права и условите за работа на работниците, се вели во партиското соопштение.

 

Поврзани новости