165
Откако цели два дена им требаше на МВР да ги видат снимките кои целата јавност ги виде, под притисок на СДСМ и граѓаните, МВР конечно постапи, но ова не е доволно. Добро е познато дека на овој начин МВР сака да го забошоти случајот за нивниот началник, кој е унапреден уште првиот ден кога Тошковски ја презема функцијата во МВР, соопштуваат од опозициската СДСМ.
,,Откако е јасно признаена вината од МВР, сега нема ниеден изговор уште денес да не се поднесе кривична пријава и да се процесира насилникот. Ако тоа не го направи ОЈО и продолжи да калкулира, ќе биде јасно дека го штити началникот, а со тоа и Тошковски. СДСМ располага со низа скандали за истиот човек, кои ќе бидат објавени, како и за други раководни лица на Тошковски, кои се срам за македонската полиција.
Сега станува и се појасно зошто Тошковски сака измени на Законот за полиција, со кој скандалозно се предвидува ваквите началници кривично да не одговараат. Јасно е дека целта е партизација, а потоа и заштита на извршните функционери во МВР кои ќе се силат и ќе заплашуваат во служба на ДПМНЕ.
СДСМ нема да престане да бара одговорност за крај за Мартиновски, а Тошковски треба да се повлече конечно, затоа што полицијата никогаш повеќе не била понижена, а системот уништен заради потребите на партијата“, велат од СДСМ.
МВР претходно објави дека началникот од Демир Хисар бил разрешен, откако направиле проверки во врска со објавеното видео за време на претрес во Демир Хисар и констатирале непрофесионално и неетично однесување на началникот.