Владата предводена од СДСМ останува посветена на развој и унапредување на здравствената заштита и вистинска грижа за лекарите и граѓаните, соопштија утрово од СДСМ. Од таму посочуваат дека во следниот период ќе бидат опфатени уште 34 јавни здравствени установи со активностите за реновирање.
„Во декември 2018 година, пуштени се во употреба реновираните хируршки сали на Клиниката за ортопедија при ТОАРИЛУЦ. Направена е комплетна реконструкција на операционите сали по сите светски стандарди. Целото реновирање изнесуваше над 30 милиони денари, најголем дел од средствата преку Фондот за здравствено осигурување, Министерството за здравство и околу 1.5 милиони денари од донации. Отворен и пуштен во употреба е и новиот Ургентен центар во Општата болница во Куманово, кој обезбедува здравствена заштита граѓаните од кумановскиот регион. Реновирани се и одделенијата за дигестивна хирургија, Универзитетската Клиника за хематологија каде целосно беше реновиран Одделот за трансплантација, Универзитетската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија и одделот за интензивно лекување на Универзитетската клиника за неврохирургија во Скопје“, велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека реновирани се и делови од поликлиника Чаир, Службата за Итна медицинска помош во Битола и Службата за Итна медицинска помош во Здравствениот дом во Велес, а, истакнуваат од владејачката партија, завршена е и првата фаза од реконструкцијата во Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.