Триесет и едногодишниот Блашко Петрески од Богданци денеска бил опериран по сообраќајната несреќа што се случи во саботата на патот Дојран – Богданци кај браната Паљурци. Неговата здравствена состојба е подобрена, а неговата девојка Благица е пуштена на домашно лекување. Таа е сѐ уште во шок, траума и неверување, по незгодата во која, како што тврдат родителите на Блашко и на Благица. учествувал и градоначалникот на Дојран, Борче Стамов.
„Ќерка ми утрово беше пуштена дома. Лежи во кревет, сѐ уште е во шок, по сѐ што се случи. Дечкото и е опериран. Тој има скршеници по лицето. Таа ми кажа дека градоначалникот на Дојран ја предизвикал сообраќајката и удрил во нив. Не знам само дали џипот што го возел е негов или службен. Важно е децата да бидат живи и здрави“, вели Мики Тасевски, татко на повредената девојка.
Откако вчера „Фокус“ објави за сообраќајката, на нозе се крена јавноста, а социјалните мрежи „вриеја“ од прашања и од коментари.
Одговори од Министерството за внатрешни работи денеска побараа и од опозициската СДСМ. Маринела Тушева, портпаролка на изборната кампања тврди дека власта на ВМРО-ДПМНЕ е закана по животот на граѓаните во буквална смисла на зборот
„Последна потврда за ова е сообраќајната несреќа во која учествуваше градоначалникот на Дојран од ВМРО-ДПМНЕ, Борче Стамов. Шокантни се кажувањата на очевидци дека тој дури и ја предизивикал несреќата, со сериозни последици за останатите учесници“, изјави Тушева.
Таа додава дека, уште пошокантен е обидот за забоштување на овој настан од страна на институциите, предводени од ВМРО-ДПМНЕ.
„МВР се обидува да ја сокрие сообраќајната несреќа на Стамов за која според одредени информации ја предизвикал со службено возило. Бараме, МВР да постапува согласно законот и целосно да го расчисти случајот со сообраќајката на Борче Стамов. Во името на владеењето на правото и најсветата работа, животот на граѓаните на Македонија, а не според партискиот интерес на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Тушева.
Од друга страна, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска не сакаше да зборува за идентитетот на учесниците во сообраќајните несреќи, ниту за оваа несреќа, ниту за која било друга.
“Не би се согласила дека МВР се обидува да сокрие било што, направен е увид и комплетирани се сите документи. Но, вообичаено, МВР алармира само за несреќи во кои има смртни последици, бидејќи цениме дека јавноста треба да се информира само за оние со најтешки последици. Доколку држиме прес-конференција за секоја сообраќајна несреќа би се изместил фокусот на делување на МВР“, рече Јанкулоска.
Реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата апелираше до институциите да постапат што побрзо во однос на случајот и да ја завршат истрагата.
Откако „Фокус“ вчера ја објави приказната, во која сведоци се родителите на повредното момче и девојка, со реакција се јави и првиот човек на Дојран, Борче Стамов. Тој ги демантираше наводите во текстот дека предизвикал сообраќајна несреќа. Стамов во реакцијата пишува дека на овој начин му се нарушуваат угледот и честа. Според него, за тоа како настанала сообраќајната незгода и кој ја предизвикал, ќе покаже вештачењето. Стамов се закани со тужба за „Фокус“.