СДСМ: Мицкоски во работни групи да ги даде предлозите за уставни измени

by Фокус

ВМРО-ДПМНЕ во работната група за уставни измени да ги даде предлозите, порачаа од владејачкиот СДСМ откако опозициската партија понуди при промена на Уставот за вметнување на Бугарите во него, во целост да се примени хрватскиот модел во однос на Преамбулата.

-Со започнување на процесот во Собранието ќе се отвори и јавна расправа, ќе има средби, состаноци и работи групи на кои Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе може да дадат свои предлози. Овој процес мора да биде најтранспарентен, најинклузивен и да дојдеме до најдоброто решение со кое ќе следува промена на Уставот и со тоа продолжување на европскиот пат на нашата држава – рече Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.

Откако власта претходно најави формирање работна група, од опозициската партија беа децидни дека нема да учествуваат бидејќи го сметаат процесот за нелегитимен. Меѓутоа, вчера партискиот лидер Христијан Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе поддржи промени според моделот на Хрватска.

-Еве ако сакаат уште утре да ја отвориме преамбулата на македонскиот Устав и да го направиме тоа според хрватскиот терк. Само да не каат после, да не речат некои други етнички заедници не било баш така како што тие кажуваат. Инаку, ако сакаат според преамбулата во хрватскиот Устав, ние како ВМРО-ДПМНЕ таква уставна измена одма прифаќаме – рече Мицкоски.

Поврзани новости